Обвинителите Лиле Стефанова и Бурим Рустеми најавија дека ќе поднесат кривични пријави за лажно пријавување против бизнисменот Томе Главчев, откако неговото име се поврза со наводната афера „Рекет 2“, за која пишуваа дел од медиумите и партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Двајцата обвинители ги демантираат наводите дека рекетирале и тврдат дека пријавата е неоснована.
Лиле Стефанова изјави дека никогаш не водела предмет против Главчев и дека единствената причина што е пријавена е нејзиното учество во надзорот над Вишото јавно обвинителство во Скопје. Надзорот открил дека жалбата за запирање на постапката против Главчев била незаконски повлечена, со што е нанесена штета од повеќе милиони евра.
Бурим Рустеми тврди дека пријавата против него е лажна и е поднесена од обвинето лице против кое тој водел предмет, односно „Поштенска банка“, и поднел обвинение за милионски криминал. Тој смета дека мотивите за лажната пријава се јасни и дека Главчев сака да се одмазди.
Неофицијално, „Фокус“ дознава дека подносител на пријавата против обвинителите е токму бизнисменот Томе Главчев, кој беше обвинет во случајот „Поштенска банка“ на СЈО. Истиот предмет пропадна откако вишиот обвинител Јован Цветановски ја повлече жалбата. За овој случај, штипското обвинителство веќе поднесе обвинителен предлог против Цветановски и неговиот поранешен шеф, Мустафа Хајрулахи.
Интересно е што Главчев пред шест години, во случајот „Рекет“ против Катица Јанева и Бојан Јовановски, сведочеше под заклетва дека не му биле барани пари. Тогаш изјави дека со Боки 13 преговарал само за рекламирање на неговата фирма, но не и за случајот „Поштенска банка“. Сега, по неколку години, тој се предомисли и поднесе пријава против обвинителите.