Кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова, изјави дека гаснењето на депонијата Дрисла со вода и пена не дава резултати, а чадот претставува закана за целиот град. Таа предлага веднаш да се формира натпартиски стручен штаб од експерти за управување со отпад.
Според Шукова, за решавање на проблемот е потребна тешка механизација за да се покрие отпадот со земја и глина, со цел да се отстрани воздухот и да се спречи експлозија. Таа ја критикува власта за молк и бара одговор за тоа како се справуваат со состојбата и каде го депонираат новиот отпад.
Шукова ги обвини актуелниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и ВМРО-ДПМНЕ за неспособност и недостаток на мерки за решавање на проблемот.
„Фактичката состојба најдобро покажува колку структурата под раководство на ВМРО-ДПМНЕ е неука и неспособна“, рече Шукова. Таа додаде дека ветиле паркови и јавно-приватно партнерство за лични бизниси, но немаат вистинско решение за отпадот.
На крајот, Шукова порача дека веќе разговарала со експерти кои се подготвени да помогнат, не за нејзина лична корист или за СДСМ, туку за доброто на граѓаните.