​Интервју со Виктор Велевски: Визија за Кавадарци – град по мерка на граѓаните

Во период кога Кавадарци се соочува со бројни предизвици, од инфраструктурни до економски, нашето интервју отвора многу прашања кај граѓаните. Денес, во ова ексклузивно пишано интервју, разговараме со Виктор Велевски, кандидат за градоначалник на Кавадарци од редовите на СДСМ. Ќе се обидеме да добиеме одговори на некои од најгорливите проблеми и да ја слушнеме неговата визија за иднината на градот.

Разговараше: Виктор Азманоски


Азманоски: Недостигот на паркинг места во центарот на Кавадарци е проблем што ги мачи граѓаните. Кои се вашите конкретни планови за решавање на овој проблем?

​Велевски: Недостигот на паркинг места во градот, особено во централното подрачје, е проблем кој треба да се решава од повеќе аспекти. Во тој контекст, прво ќе го ставиме во функција долниот дел од паркингот веднаш до градскиот плоштад. На истиот ќе биде поставено соодветно осветлување и рампа, а за поголема безбедност ќе инсталираме и камери раководени од ЈП „Паркинг Кавадарци“. Многу е битно и функционирањето на двете катни гаражи: онаа до полициската станица и на градскиот пазар. И овие гаражи ќе бидат опремени со соодветно осветлување и рампи за да се користи нивниот полн капацитет. Дополнително, ќе направиме реорганизација на зонското паркирање со цел повеќе места за резиденти, особено пред зградите. И, се разбира, секој инвеститор ќе има обврска да обезбеди доволно паркинг места при изградба на станбен објект.

Азманоски: Како планирате да ја подобрите инфраструктурата во руралните средини и да го спречите иселувањето на младите од тие подрачја?

​Велевски: Поврзувањето на руралните средини со градот е еден од нашите приоритети. Со проектот „Кавадарци без кал“ ќе ги асфалтираме сите улици во градот и околните села. Развојот на руралните средини е многу важен. Во селата од делот на Кожув, Бошавијата и покрај Тиквешкото езеро ќе го развиваме туризмот со изградба на трим патеки, патеки за крос, летниковци, како и со обележување на планинарските патеки и познатите знаменитости. Од големо значење е и отворањето на граничниот премин Пуљевац, за што општината ќе биде на располагање на централната власт.

На Тиквешкото езеро ќе се тампонираат сите пристапни патишта до викенд населбите, а каде што е можно ќе поставиме асфалт или бекатон. Ќе инвестираме и во водоводна мрежа каде што има услови. Со уредување на плажа на езерото ќе го зголемиме бројот на посетители и ќе овозможиме бизнис за локалното население. За да го помогнеме развојот на овие региони, ќе отвориме Бизнис центар за развој на претприемништвото, кој ќе им помага на младите со стручна и техничка помош за основање сопствен бизнис, што ќе придонесе за намалување на иселувањето.

Азманоски: Кои се вашите конкретни планови за подобрување на квалитетот на воздухот, особено во зимскиот период?

​Велевски: За да го подобриме квалитетот на воздухот, планираме да создадеме зелен прстен околу градот. Ова ќе значи садење соодветно зеленило и дрвја околу целата околина на градот, во стилот на парк-шуми кои ќе бидат уредени по стандарди. Ќе субвенционираме инвертер клими и топлински пумпи, како и велосипеди и електрични тротинети. Исто така, капитални проекти од големо значење се изградбата на прочистителна станица кај село Марена и гасификацијата на градот.

Азманоски: На кој начин ќе ги поддржите локалните земјоделци и винари, кои се столбот на кавадаречката економија?

​Велевски: Промоцијата на винскиот пат ќе го рекламира квалитетот на нашето грозје и вино. Исто така, ќе отвориме Агро берза која ќе ги поврзе производителите со винариите и трговците со крајна цел да се постигнат подобри откупни цени и повисок квалитет на производите.

Азманоски: Како ќе ја зголемите транспарентноста на работата на општината и ќе ја зајакнете вклученоста на граѓаните?

​Велевски: Ќе го професионализираме односот Општина-граѓанин со олеснување на бирократските процедури и укинување на некои непотребни постапки. Вклученоста на граѓаните, особено на младите, ќе се зголеми преку унапредување на Младинскиот совет кој функционира во рамки на Советот на општината.

Азманоски: Што ќе направите за да ги привлечете младите да останат и да работат во Кавадарци?

​Велевски: Преку реализација на погоре спомнатите проекти ќе создадеме позитивна бизнис клима и искрено партнерство меѓу општината и граѓаните. Унапредувањето на инфраструктурата и социјалните аспекти на нашата програма, како што се ослободување од комуналии за млади брачни парови за изградба на станбен простор, намалување на сметките за комунални услуги до 30%, стипендирање на најдобрите спортисти и субвенционирање на трошоци за градинка за социјалните категории, се работи што ќе придонесат секој човек да се чувствува свој во својот град.

Азманоски: И за крај, како планирате да ги решите проблемите со водоснабдувањето и канализацијата, особено во населените места кои немаат соодветна инфраструктура?

​Велевски: Во делот на водоснабдувањето, предвидуваме поврзување на село Возарци со систем за пивка вода и обезбедување технолошка вода во Дреново, Бегниште и Ресава. За канализацијата, планираме изградба на атмосферска канализација во Марена, како и доизградба на колекторскиот систем во ова село и во Сопот и нивно поврзување со прочистителната станица.