Ангелов: Продолжува затрупувањето на „Дрисла“, чадењето е делумно намалено

​Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека утрово продолжило засиленото затрупување на делот од депонијата „Дрисла“ од кој се појави чадот. Тој посочи дека критичната површина е со големина на фудбалско игралиште, а „отворен оган не може да се забележи, чадењето е делумно намалено, но сè уште присутно“.

​Според Ангелов, двата новоизградени земјени патишта низ заезерената површина од отпадни води, длабока околу 1,5 метри, значително го олеснуваат пристапот до местото.

​„Во овој момент работат оптимален број на камиони, багери и булдожери, а како што ќе се создаваат услови нивниот број ќе се зголемува“, рече Ангелов.

​Тој додаде дека на дивата депонија „Вардариште“ нема горење ниту чадење, но затрупувањето на критичниот канал каде што се одвиваше пожарот продолжува и денеска.