Додека Скопје дише отров, а пожарите цветаат како најотровен коров, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, сега веќе со целосната поддршка од коалиционите партнери од „Вреди“, има совршено решение. Нема потреба да се грижиме, затоа што за еколошката катастрофа во градот, како и секогаш, виновна е – опозицијата.
Премиерот, новиот министер за екологија и сите градоначалници од помалите општини, кои сега се дел од владејачката машинерија, имаат совршен план. Тие нема да трошат време на банални работи како спроведување на закони или инвестиции во екологијата. Наместо тоа, ќе се фокусираат на единственото нешто што навистина има смисла: пронаоѓање на вината во претходната власт.
Зарем вие мислевте дека градоначалникот, кој веќе три години управува со градот, е одговорен за депониите, каде отпадот веќе се претвори во пепел? Срамота! Тој е ангел чувар кој неуморно се бори со духовите на минатото, создадени од „неспособните“ претходници. Кој би помислил дека една и пол година на централно ниво не е доволно да се направи магија и да се отстрани загадувањето? Потребно е уште малку, можеби уште една деценија, за да се создаде совршен град.
Зарем требаше да поверуваме во приказните за нови, еколошки автобуси, субвенционирање на инвертери и чистење на диви депонии? Па, тоа беа само предизборни приказни за малите деца. Мора да имате разбирање, некој мора да биде виновен за сѐ.
Деновиве, додека воздухот во Скопје е тежок од чад, имавме прилика да уживаме во новата епизода од оваа сага. Пожарот во Дрисла беше само загревање, увертира пред главниот чин. Веднаш потоа следуваше спектакуларниот пожар во Вардариште, а денес, како последен поздрав, пожарот во Трубарево. Навистина, одлична кореографија, додека градските власти и владата ги гледаат настаните од страна и само изразуваат сочувство.
Затоа, драги граѓани, нема потреба да се буните. Имате среќа што вашите лидери неуморно ја наоѓаат вината во другите. Затоа што додека опозицијата е виновна, тие можат да седат и да го чекаат воздухот сам да се прочисти. А, до тогаш, уживајте во магијата на сивиот чад и црната атмосфера.
Патриотизмот цвета во воздухот, нели?
Пишува: Виктор Азманоски