Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на вонредна прес-конференција изјави дека пожарот во скопското село Трубарево е локализиран и нема опасност од негово натамошно ширење. Тој додаде дека за гаснење се користат сите расположливи ресурси, вклучувајќи и ситен песок.
Според Тошковски, во непосредна близина на пожарот има висока загаденост со штетни супстанции, иако нема радијационо зрачење. Затоа, на жителите кои се наоѓаат во близина на опожарениот објект им се препорачува да ги напуштат своите домови.
За оваа цел, на располагање се ставени капацитетите на Центарот за обука кој е во непосредна близина.
Министерот информираше дека во моментов се водат разговори со три лица во полициска станица со цел да се утврдат причините и околностите за избивањето на пожарот.
Тошковски нагласи дека ваквите пожари не се изолиран случај и дека се случуваат и во други земји, што укажува на тоа дека проблемот со управувањето на ваков вид отпад е глобален.