Актерката Билјана Драгичевиќ-Пројковскa е добитничка на наградата за најдобро актерско остварување на 33. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, кој се одржа во Струмица. Таа е наградена за улогата на Корин Фел во претставата „Гидеоновиот јазол“, во изведба на Драмски театар од Скопје.
Наградата вклучува златен медалјон со ликот на Ристо Шишков, парична награда од 1.500 евра и плакета, а ќе ѝ биде врачена подоцна.
Жири-комисијата, составена од Лео Долорес Поповиќ (претседател), Анастас Попдимитров и Иван Додовски, ја пофали Драгичевиќ-Пројковска за нејзината „фасцинантна доследност и суптилна самоконтрола во водењето на ликот“, со што остварила „моќна и осмислена улога“.
Дополнително, жирито додели специјална награда за најдобра претстава на фестивалот, која ја доби „Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир, во режија на Мартин Мирчевски, а во изведба на Народниот театар од Битола.
Фестивалот беше затворен со изведба на претставата „Мајка“ од велешкиот театар „Ј.Х.Џинот“.