​Интервју со Зоран Кардула: Тајната формула за успех во креативната индустрија

Зоран Кардула е синоним за уникатен спој на инженерска прецизност и уметничка слобода. Неговиот визуелен јазик, препознатлив по силна симболика и емоционална длабочина, го направи еден од најбараните креативци во регионот. Во ова ексклузивно интервју, разговараме за неговиот творечки процес, инспирацијата од македонската култура, и личните предизвици кои се претворија во уметност.

Разговараше: Виктор Азманоски


Азманоски: Често се вели дека уметноста е огледало на душата. Како еден инженер по образование, како успеавте да го канализирате тој аналитички ум во создавање на емотивни и визуелно богати уметнички дела? Дали техничкиот пристап некогаш се судира со креативната слобода?

​Кардула: Уметноста од секогаш била дел од мене, го имав чувството дека цел живот ќе се занимавам со уметноста, независно од моето образование. Никогаш не зажалив што се запишав на електро, го сметам за одличен факултет и да морам повторно да бирам, повторно би го направил истото. Исто така, ја обожавав и математиката која е фасцинантна, така што не згрешив со моето образование кое многу ми помага аналитички да пристапам и во уметноста. Јас го забележувам во моите дела тој технички пристап кој никако не се судира со креативната слобода, туку знае да ја канализира за да произлезе одличен производ.

Азманоски: Вашите дела често се инспирирани од македонската традиција и фолклор. Во време на брзи промени и глобализација, како ја гледате улогата на уметникот во зачувувањето на културниот идентитет, и дали постои одговорност да се коментираат актуелните општествени случувања преку уметноста?

​Кардула: Инспирација има насекаде. Нормално е и традицијата и фолклорот да бидат инспирација, посебно кај мене кој сум голем љубител на антиквитети и предмети поврзани со некоја историја, било да е фамилијарна или општествена. Логично е сето тоа да ме инспирира и да биде дел од моето творештво. Живееме во време кога глобализацијата е насекаде околу нас, време на технолошки напредок и визуелна презаситеност и навистина е предизвик да можете да создадете нешто по кое ќе ве препознаваат. Со многу работа веќе имам изградено мој стил кој луѓето го препознаваат и многу сум задоволен од тоа што го работам. Секогаш настојувам актуелните случувања визуелно да ги коментирам, зошто со визуелизација на пораката таа станува по ефективна и повидлива. Преку моите илустрации, било во дизајнот или уметноста, настојувам секогаш да пренесам некоја порака како борбата за рамноправност, правото на абортус, борба за слобода, за демократија, зачувување на природата, дискриминацијата по секоја основа која е доста присутна како кај нас, така и во светот.

Азманоски: Вашата книга „Гуш и Бац“ е длабоко лична приказна инспирирана од вашата ќерка. Како се справувате со отворањето на вашиот приватен живот за јавноста преку уметноста? Дали е тоа еден вид на терапија или начин да се создаде мост на разбирање со луѓе со слични искуства?

​Кардула: Тоа е еден од моите најдраги проекти, работен со уште 33 уметници, дизајнери и фотографи со кои заедно ги визуелизиравме зборовите на мојата ќерка Ерато, изговорени на нејзиниот јазик, а преведени на 19 јазици. Со оваа книга сакав да ја подигнам свеста за аутизмот, која за жал во тој период беше на многу ниско ниво и тема многу непозната. Со книгата навистина се подигна свеста за аутизмот, но секако тоа беше далеку од доволно. Нашето општество многу малку прави за овие свои граѓани кои слободно можам да кажам дека се дискриминирани по многу основи и целата грижа е сведена само на потесното семејство, кое не ја добива соодветната поддршка. Може да се каже и дека тоа јавно зборување за состојбата на нашата ќерка беше еден вид терапија која многу ни помогна да го пребродиме тој период на прифаќање на нејзината состојба и да продолжиме со еден релативно нормален живот. Со нашето отворање претпоставувам дека помогнавме и на многу родители кои беа во иста ситуација и се бореа со предизвиците што ги носи аутизмот, но и во борбата со образованието и со институциите, кои еве и по толку години не се подготвени да им ги пружат сите права кои им следуваат според уставот.

Азманоски: Како еден од пионерите на дигиталната уметност во Македонија, како ја гледате иднината на овој медиум? Дали сметате дека вештачката интелигенција ќе ги замени уметниците или пак ќе отвори нови, досега незамисливи можности за творење?

​Кардула: Многу се зборува на оваа тема, искрено не сум многу упатен во вештачката интелигенција. Мислам дека ВИ треба да се прифати како алатка, но дека не може да ја замени работата на уметниците. Вакви дискусии имало и пред повеќе од 150 години со појавата на фотографијата и тогаш преовладувало мислење дека фотографијата ќе ги замени уметниците, но еве и по толку години не се случи тоа. Така што, секогаш ќе има простор за творење, дали со помош на ВИ или без неа. Сепак, мислам дека тоа што јас ќе го нацртам и целата таа љубов која е пренесена во таа илустрација, не може ВИ тоа да го направи и секогаш ќе го има тоа нешто од уметникот кое ниедна ВИ не може да го долови.

Азманоски: Работевте со светски брендови како Swarovski и Swatch. Кој беше најголемиот предизвик во тие соработки и што научивте од нив? Дали имате некој проект кој сметате дека е неуспешен, и ако да, како тој неуспех влијаел на вашиот понатамошен развој?

​Кардула: Уживање е да се работи со големи брендови независно дали се домашни или странски, многу може да се научи од нивната соработка, од начинот на комуникација, од ценење на вашето време и работа и комплетна слобода во креирањето. И од сите тие соработки слободно можам да кажам дека колку и да се големи брендовите, треба самоуверено да пристапите кон соработката, зошто тие ја ценат вашата работа и затоа ја имате привилегијата да соработувате со нив. Не сум имал некој неуспешен проект со такви големи брендови, но жалам за еден проект кој го имав со INYO за дизајн на накит, кој одлично течеше и поради причини кои беа надвор од целиот проект мораше да се прекине. Навистина ми е криво, зошто ќе имав одлична линија на накит со мој потпис, накит чиј дизајн и после 12 години уште е актуелен и предизвикува восхит.

Азманоски: Како припадник на влашката заедница, како го интерпретирате тој дел од вашиот идентитет во вашата уметност? Дали чувствувате одговорност да ја прикажете и промовирате влашката култура преку вашето творештво, и дали тоа некогаш ве ограничило во изразувањето на други теми?

​Кардула: Јас сум горд на своето потекло, Влав по националност и секогаш настојувам да ја промовирам влашката култура преку проект кој веќе неколку години го работам – илустрации на портрети на познати Власи од целиот свет кои имаат оставено своја трага во развојот на цивилизацијата. Со тоа сакам да им ја доближам на сите нашата историја и традиција, зошто со запознавање на друга култура таа станува поблиска и луѓето подобро се разбираат меѓу себе. Никогаш во ништо не ме ограничило моето влашко потекло, ниту би го дозволил тоа.

Азманоски: Имате богато искуство како фриленсер и успешен уметник. Кој е вашиот највреден совет за младите луѓе кои сакаат да се занимаваат со креативна работа во Македонија? Што е поважно – талентот или упорноста, и дали постои „тајна формула“ за успех во креативната индустрија?

​Кардула: Мојот совет кој редовно им го давам на моите студенти како ментор и професор е прво треба да уживаат во тоа што го работат зошто тоа се гледа во работата, треба многу да се работи така се станува подобар и никогаш да не се откажуваат од тоа што го сакаат. Од мое искуство можам да кажам дека добро воспитани студенти или почетници во својата работа секогаш се покажаа како најдобри, зошто секогаш се спремни да слушаат и да учат и стануваат подобри и подобри.