Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, информираше дека пожарот во складиштето за рециклирање во Трубарево, кој избувна вчера, е локализиран и нема активно горење. Сепак, се уште има силно чадење кое се пробива низ земјата и песокот.
Ангелов ги пофали скопските пожарникари за нивната храброст и брза интервенција, благодарение на која биле спасени четири објекти во близина.
„Пожарот е изгаснат. За жал, сè уште имаме активно чадење. Делот каде што се наоѓаат литиумските батерии е затрупан со песок, на некои места е користена земја… За жал, чадењето сè уште е силно, пожарникарите работат на навлажнување на песокот заради догаснување на пожарот, бидејќи ваков електронски отпад е исклучително тежок за гасење“, истакна Ангелов.
Тој соопшти и дека околу 2:30 часот добиле дојава за повторно горење на депонијата „Дрисла“. Една екипа од скопската противпожарна бригада веднаш била упатена на терен и го изгаснала огнот, кој претставувал опасност од ширење.
Ангелов додаде дека состојбата во „Дрисла“ е стабилна и дека се работи на затрупување на опожарената површина. Дел од механизацијата која работела таму, била пренасочена кон пожарот во Трубарево.
Ангелов најави дека денеска во 11 часот ќе одржи прес-конференција заедно со министерот за здравство Азир Алиу и владината портпаролка Марија Митева.