​Трубарево затрупано во чад: Жителите во паника и неизвесност по пожарот

Додека огнената стихија вчера го голташе електронскиот и пластичниот отпад во Трубарево, жителите на населбата останаа во неизвесност и паника. Чадот и миризбата се неподносливи, а првичните мерења за загаденоста на воздухот сè уште не се достапни.

Миризбата се осеќаше во цела скопска околина.

​Александар, кој живее на само 200 метри воздушна линија од местото на пожарот, со треперење во гласот изјави: „Ова е еколошка катастрофа, треба да се прогласи вонредна состојба за овој дел од градот. Нека дојде некој утрово да измери во Трубарево, ова е неподносливо.“ Тој додава дека миризбата на горена пластика и електроника е толку силна, што никој не излегува од домот.

​Иако пожарникарските екипи се на терен, жителите не знаат дали пожарот е целосно изгаснат. „Не знаеме дали уште гори, бидејќи не излегуваме од дома, миризбата е неподнослива“, велат вознемирените жители.

​На прашањето дали некој од надлежните дошол да ги посети, одговорија дека полицијата дошла доцна синоќа: „Да, дојде полиција ноќеска околу полноќ, ни дадоа насока доколку сме во можност да се евакуираме. Децата ги евакуиравме, ние возрасните останавме во куќите ноќта, но утрово и ние ќе појдеме некаде подалеку“, додаваат тие.

​Дополнително, Министерството за здравство најави дистрибуција на заштитни маски за жителите од околината. Иако ова е чекор во вистинска насока, граѓаните очекуваат повеќе.

​Додека екипите на терен се борат со огнената стихија, жителите остануваат во неизвесност за последиците од еколошката катастрофа. Се чекаат официјални податоци за загаденоста на воздухот, а граѓаните се надеваат на брзо и ефикасно решение на овој сериозен проблем.