​ДУИ: Изет Меџити не покажа одговорност за време на пожарите во Скопје

ДУИ упати остра критика кон министерот за животна средина, Изет Меџити, обвинувајќи го дека не покажал никаква одговорност за време на пожарите што го зафатија Скопје. Од партијата велат дека Меџити не се огласил, ниту пак дал препораки, додека граѓаните стравувале за своето здравје.

​„Додека воздухот во Скопје мирисаше на отров, Изет Меџити, кој очигледно заборавил дека е министер за животна средина, не кажа ниту збор“, се вели во соопштението на ДУИ.

​Од партијата се прашуваат зошто Меџити избегнал да присуствува на вонредната прес-конференција и дали има „грам одговорност за позицијата што му е доверена“.

​Критика за Меџити и како политичар во Чаир

​ДУИ потсетуваат дека Меџити, кој е и кандидат за градоначалник на Чаир, повеќе од две децении „работел исклучиво за лични интереси, без вистинска грижа за граѓаните“.

​„Како што вчера не мрдна со прст да помогне и да покаже дека е лидер и одговорен политичар, така и изминатите две децении во Чаир бегаше од проблемите и ги тераше своите бизнис-интереси. Затоа Чаир денес изгледа запуштено, небезбедно и заборавено“, додаваат од партијата.

​На крајот од соопштението, ДУИ изразува уверување дека жителите на Чаир на 19 октомври ќе му го покажат „црвениот картон“ на Меџити.