На денешната прес-конференција на СДСМ, портпаролката Богданка Кузеска ги критикуваше властите за начинот на справување со пожарите во Скопје, кои ги нарече еколошка катастрофа. Според неа, повеќе од 500.000 жители се изложени на опасност поради отровен чад, додека власта се крие зад „измислени приказни за хибриден напад“.
„ВМРО-токсична создаде хаос кој граѓаните го плаќаат со најскапото нешто, нивното здравје“, изјави Кузеска, обвинувајќи дека институциите задоцниле со реакциите и не ги информирале граѓаните навреме за опасноста.
Кузеска упати директни критики кон неколку функционери:
- Премиерот Мицкоски – за изјавата дека „воздухот во Скопје само изгледа загаден ама не е алармантен“.
- Стојанче Ангелов – за зборувањето за „хибриден напад“, додека се случува реална еколошка катастрофа.
- Панче Тошковски – дека е „целосно загубен“ и како да не постои.
- Орце Ѓорѓиевски – за изјавата дека не гледа чад, туку „политички пожари за политички поени“.
Од СДСМ потсетија дека тие и нивниот претседател Венко Филипче биле првите што реагирале и дале препораки на граѓаните, додека Министерството за здравство излегло со препораки доцна вечерта.
СДСМ бара итна и темелна истрага за сите случаи и политичка и кривична одговорност за сите кои го прекршиле законот, како и за институциите што не постапиле навреме.
„Македонија стана опасно место за живеење. Наместо држава, имаме шатор на циркузантска влада која прави шоу додека горат депонии и фабрики“, заклучи Кузеска.