​Голем прекин на услугата на сателитскиот интернет „Старлинк“

Сателитскиот интернет провајдер „Старлинк“ на милијардерот Илон Маск денеска објави дека има голем прекин во услугата.

​На официјалната веб-страница на компанијата стои кратко соопштение: „Моментално има прекин на услугата „Старлинк“. Нашиот тим истражува“, без да се дадат дополнителни детали за причината или обемот на проблемот.

​Според веб-страницата за следење на интернет услуги „Даундектор“, од прекинот се погодени повеќе од 43.000 корисници во Соединетите Американски Држави.

​„Старлинк“, кој е дел од компанијата „Спејс Икс“, обезбедува интернет услуги преку сателити во ниската Земјина орбита и се користи првенствено во оддалечени подрачја и конфликтни зони ширум светот.