Интервјуто со независниот кандидат за градоначалник на Општина Прилеп, Борче Чупетрески, открива несекојдневна визија за иднината на градот. Како дел од „Група избирачи“, тој најавува радикално нов пристап кон локалната политика, ставајќи го акцентот на директната демократија и граѓанскиот надзор. Со ветувањата дека граѓаните ќе бидат директно вклучени во сите процеси, а не само гласачи, Чупетрески отворено зборува за своите планови и очекувања, дури и за последиците ако не успее.
Разговараше: Виктор Азманоски
Азманоски: Прилеп е град со богато културно наследство. Наместо да зборуваме за нови проекти, можете ли да ни кажете кој е еден заборавен или недоволно искористен културен или историски локалитет во Прилеп, кој би го ставиле на прво место во вашиот мандат и како би го „оживеале“?
Чупетрески: Прилеп е град со огромно културно и историско наследство. Но, истото е тотално маргинализирано и запоставено, така што какво било издвојување на приоритет е неблагодарно. Сите капацитети заслужуваат реставрација и реанимација одеднаш. Но, поради тоа што прашањето е децидно, таков ќе биде и одговорот. Најпрвин би започнал со афирмацијата и уредувањето на Марковите Кули како симбол на Прилеп. Инфраструктурно уредување, обезбедување на пристапни патеки и пат до кулите, обезбедување на простор за угостителски капацитет на отворено и затворено со санитарен чвор, осветлување на истите (проект кој е уништен, а беше вистинска атракција) и доколку се обезбедат финансиски средства од ИПА Програмите за развој на туризмот, ќе биде изградена и мини жичара до истите. Ова ќе биде значаен туристички бренд за афирмација на градот и привлекување на странски туристи, посебно на гости од Република Србија кои на некој начин имаат културни врски со овој локалитет.
Истовремено би се реновирале и Паркот на Могилата на непобедените како простор за забава и како спортско-рекреативен центар. Многу битен и приоритетен со исто значење е и објектот на Старата Турска Џамија во центарот на градот кој ќе биде реконструиран во Музеј на Турската култура во Прилеп без активности на ритуални обреди. Истиот простор би се користел и за културни настани во градот, како отворен театар. Заедно со него, би се направила и целосна ревитализација на Градскиот часовник или Саат Кулата со негово осветлување и организација на просторот околу него како туристички центар со дигитални презентации за истиот и Прилеп во целост.
Азманоски: Замислете дека нема никакви буџетски ограничувања. Кој е еден голем, визионерски проект, нешто што може да изгледа нереално, а што би го имплементирале во Прилеп и кое ќе го промени градот засекогаш?
Чупетрески: Ако се работи правилно и се искористат сите предпристапни фондови што ги дава Европската унија и останати светски финансиски институции, средства може да се обезбедат за сѐ. Но, ако имаме таква среќа да немаме финансиски лимити, најпрвин би го средил коритото на Градската река. Истото би се затворило и над него би се изградиле повеќе објекти, од кои дел би биле наменети за инфраструктура и сообраќај, а дел за паркови и пешачки зони. Над паркинг просторот би се изградиле и соларни централи со бифацијална природа (да пропуштаат делумна светлина и долу) со вграден систем за акумулација на електрична енергија или батериски системи кои струјата би ја користеле за ноќно осветлување на Прилеп, а со тоа би се намалила или укинала таксата за улично осветлување која сега ја плаќаат граѓаните. Ова е реален проект и е во нашата програма, а средствата ќе ги обезбедуваме од фондови. Има стотици други проекти кои дел чекаат реализација, а дел се неминовни за изградба за Прилеп конечно да заличи на град, а истовремено и да ја обавува таа дејност.
Азманоски: Не сте дел од традиционалните политички партии. Како ќе се справите со бирократските пречки и очекуваните отпори од државните институции и централната власт, кои често се контролирани од големите партии, за да ги реализирате вашите проекти?
Чупетрески: Бирократијата не сака да биде јавно критикувана и презентирана. Дел е неспособна, но добар дел е професионална. Потценета и понижена е со партиските вработувања кои им го јадат финансискиот колач кој чесно го заработуваа во минатото. Ова споделување на приходите на непрофесионални партиски кадри кои го загадуваат и исцрпуваат административниот апарат, создава неспособна администрација, затоа што во ваква средина вистинските работници немаат никаква мотивација да се докажат дека се вредни и ја заслужуваат својата плата, па и повеќе од тоа. Ова се побива со транспарентност и јавна презентација, награда или критика на неспособните. Кога ќе знаат дека ќе бидат јавно прикажани и „обележани“, не верувам дека некој ќе има доблест неосновано да кочи, опструира и да глуми „бирократ“. Напротив, ќе сака да се докаже како вистински човек на правилно место, награден и задоволен. Онаму каде што ќе осетиме дека има директно партиско бирократско влијание врз одредени проекти, истите транспарентно ќе ги презентираме пред јавноста за да знаат каде е проблемот и зошто се кочи. А со јавен транспарентен притисок ќе бараме нивно решение и спроведување во законски рокови. Во тој смисол, сите медиуми треба да бидат присутни и да им дишат во врат на работата на Општината и градоначалникот. Народот сам ќе пресудува и казнува.
Азманоски: Која е најголемата заблуда што ја имаат прилепчани за градот во кој живеат? Што мислите, која е неговата најголема скриена слабост и како планирате да ја претворите во сила?
Чупетрески: ДЕКА ПАРТИЈАТА (некоја) ЌЕ ИМ ГИ РЕШИ ПРОБЛЕМИТЕ И ЌЕ ИМ НАЈДЕ РАБОТА! Е ова е најголемата заблуда во која голема маса на луѓе пливаат и меланхолично веруваат дека тоа е така. Но, сѐ е привидно и истовремено стануваат нивни поданици. Како мислам да го решам и претворам во сила? Хм… интересно.
- ЕДУКАЦИЈА
- МОТИВАЦИЈА
- ВЕРБА
- СЛОГА
Да се доедуцираме за работни вештини. Секој квалификуван, повторувам, „КВАЛИФИКУВАН“ може да обезбеди сигурна работа и добар профит (мајстори, занаетчии, земјоделци и слично). Нашиот мотив е да ги зачуваме нашите деца покрај нас во семејна средина со семејни бизниси и занаетчиски, земјоделски дејности кои ќе обезбедат добар профит и сигурна иднина за нашите деца. Веруваме дека само заедно, сложни сме најсилни и можеме да ја победиме секоја криза, па и оваа, и само така можеме да ја зачуваме оваа грутка земја за нашите идни поколенија. За да имаат да кажат: ова е нашата Македонија, нашиот Прилеп во кој живееме сложно, не поделени партиски, етнички, културно.
Азманоски: Наместо да ветувате решенија, опишете ни една ситуација во која како градоначалник ќе мора да донесете тешка одлука, која можеби нема да биде популарна, но е неопходна за долгорочен развој на Прилеп. Која е таа одлука и како ќе ја објасните на граѓаните?
Чупетрески: Одлука? Намалување на сите непродуктивни трошоци и партиски крлежи кои го цицаат буџетот на Прилеп, а со тоа ги трошат парите за развој на градот. Замислете, во завршната сметка на ЈП Комуналец се прикажани 1.200.000 денари за принтери и уште 1.200.000 денари за полнење на принтери. Ова само како пример, а ако почнеме, а ќе почнеме да чепкаме во сѐ што се работело и како се работело во ЈП, ќе стигнеме до стотици милиони денари неразумно трошење или перење на пари за потребите на партијата на власт, секако. Не дај боже да се за приватни џебови. Јавно-приватно партнерство на поголем дел од ЈП кои создаваат загуби поради неправилно менаџирање. Ако приватници ги водат и управуваат со вакви претпријатија, сигурно истите би вовеле некои нови технолошки мерки и инвестиции како би станале профитабилни, а според јавното партнерство на крајот ќе мора да го споделат профитот со Општината и од загубари ќе добиете добитници. Ете од каде пари за наредни проекти.
Азманоски: Да претпоставиме дека за четири години, Прилеп ќе биде поинаков. Опишете ни го првиот впечаток што би го добил еден посетител кога ќе дојде во градот во 2029 година. Што ќе забележи веднаш, а што не било таму претходно?
Чупетрески: Современ и чист град. Машини кои го собираат сметот и прашината во градот. Чист воздух, електрични такси возила и електричен градски автобуски превоз, субвенционирани од општината, а може и од државата, дај Боже. Дигитални услуги за секоја потреба. Насмеани лица на луѓе, задоволни луѓе. Пензионери во центарот кои не дебатираат туку играат шах, дама и други „пензионерски спортови“, сите некаде брзаат, имаат обврски, а кафе закажуваат во покасните часови затоа што имаат работа и не можат да стасаат. Туристи седнати по кафулиња и кафани, а добар дел рашетани низ центарот на градот, а околу нив десетици туристички водичи. Современа автобуска станица, упс… тоа веќе го имаме. Град преполн со млади и студенти (активен факултет во Прилеп со странски студенти). Имам уште минимум 3 часа да зборувам како го гледам Прилеп, но не верувам дека некој ќе издржи да го прочита. Барам само да ми дадат простор и доверба да им покажам.
Азманоски: Вашата кандидатура се заснова на поддршка од граѓаните, а не од политичка структура. Како ќе го одржите тој директен контакт и отчетност кон прилепчани откако ќе станете градоначалник, за да не се претворите во „класичен“ политичар?
Чупетрески: Отворена пристапност со граѓаните на отворени трибини и дебати во центарот на градот. Отворен телефон и мејл каде што може да се доставуваат сите предлози и потреби на граѓаните, но и нивните предлози за решавање на истите. Нивна директна имплементација во решавањето на проблемот и нивно презентирање на резултатите. Не јас, тие јавно ќе говорат за секој еден проблем и неговото решавање. Отворени седници и дискусии. Развој на медиумите и ТВ сервис за Прилеп каде новинарите ќе бидат контролори на власта. Мојата цел не е да бидам вечно градоначалник. Мојата цел е да трасирам пат за идни, вредни градоначалници, но да создадам и контролор на нивното работење. Алатка од граѓаните кои секогаш, ама секогаш ќе можат да гледаат директно што се работи, како се работи и да наградуваат или казнуваат. Јас не сум совршен и не сакам да бидам. Ако грешам, одма казна и на клоца надвор од Општината. Затоа, најпрвин ДОЗВОЛЕТЕ МИ ДА ВИ ПОКАЖАМ КАКО ТРЕБА ДА СЕ ГРАДИ ИДНИНА И СОЖИВОТ, А АКО ЗГРЕШАМ НЕКА ИЗГОРАМ.