Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабока загриженост поради еколошката катастрофа во Скопје по пожарот во Трубарево, обвинувајќи го министерот за животна средина, Изет Меџити, за невидливост и неодговорност.
Во своето соопштение, ДУИ истакнува дека во моментите кога граѓаните очекувале информации и препораки, Меџити не излегол пред јавноста, туку бил фокусиран на партиски активности. Од партијата посочуваат дека е парадоксално што токму неговото министерство е одговорно за издавање дозволи и контрола на ваквите објекти.
Обвинувања за клевета и негрижа
ДУИ го обвинува Меџити дека, наместо да преземе одговорност, се крие зад оправдувања и се обидува да ја префрли вината на ДУИ.
„Наместо да измислуваат внатрешни и надворешни непријатели, оваа Влада и Меџити треба да се соочат со својата одговорност, да ги расчистат случаите на палење пожари и да ја лоцираат одговорноста таму каде што навистина припаѓа – дури и ако тоа е нивната неспособност“, се вели во соопштението.
Од ДУИ, исто така, потсетуваат дека ова не е првпат Меџити да покаже ваква неодговорност, наведувајќи го урбаниот хаос и загадувањето што, според нив, ги оставил зад себе во Чаир за време на неговиот мандат како градоначалник.
Партијата јавно прашува кој ги подметнал пожарите низ државата, алудирајќи дека Меџити секогаш бега од одговорност и мисли само на својот личен интерес. ДУИ заклучува дека на претстојните избори, граѓаните ќе стават крај на политиката на неодговорност.