​Филипче го критикува Мицкоски за изјавите за хибридни напади: Смешно алиби за неспособност

​Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, остро ги нападна изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија е цел на хибриден напад од странски центри на моќ. Филипче ги нарече изјавите „смешно алиби за неспособност“ и предупреди дека се злоупотребува безбедносната сфера на државата.

​„Мислам дека ниту еден премиер до сега не се осмелил вака да ја потресе ситуацијата во однос на безбедносната сфера на земјата“, изјави Филипче.

​Тој посочи дека доколку тврдењата на Мицкоски биле вистинити, институциите морале веднаш да реагираат.

​„Немаше акција за решавање на проблемите“

​Филипче нагласи дека во ситуација на хибриден напад, требало да заседава Советот за безбедност, да излезе Армијата на терен, да се активираат сите безбедносни служби и да се извести НАТО.

​„Ништо од тоа не се случува“, рече тој.

​Според Филипче, владата на ВМРО-ДПМНЕ не понудила ниту едно вистинско решение за проблемите што се напластуваат во изминатата година и пол. Тој заклучи дека целата приказна на премиерот е „пиаровска драма“ која има за цел да ја покрие неспособноста на власта да реагира во кризни ситуации.