​Шест месеци од трагедијата во Кочани: Собир на плоштадот „Македонија“ за оддавање почит на жртвите

​Собир за одбележување на шест месеци од пожарот во дискотеката во Кочани, во кој загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени, ќе се одржи утре во 20:16 часот на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

​Иницијативата „Кој е следен?“ и студентските активисти, кои се организатори на настанот, повикуваат на достоинствено сеќавање со „ѕвездено небо и молк“. Тие го нарекуваат настанот „масакр“ и „свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел“.

​„Не смееме да отрпнеме. Болката мора да ја почувствуваме сите заедно… таа болка треба да нѐ разбесни и да нѐ поттикне на акција. Вистинската борба за живот или смрт е токму борбата за Кочани“, се вели во соопштението на организаторите.

​Семејствата на загинатите веќе шест месеци секоја сабота организираат „Марш на ангелите“ во Кочани, барајќи одговорност и правда.

​И покрај тоа, обвинението поднесено во јуни, против 34 физички и три правни лица, сè уште не е потврдено од надлежниот суд поради обемноста на предметот и бројните приговори од страна на обвинетите.