​Арсовска му одговори на Ѓорѓиевски: Немате знаење, а многу пари вложувате во ПР

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на социјалните мрежи реагираше на коментарите на Орце Ѓорѓиевски, обвинувајќи го дека шири дезинформации и дека неговите напади се поврзани со неговите политички амбиции за Скопје. Таа истакна дека Ѓорѓиевски нема знаење за надлежностите и дека институциите кои се одговорни за проблемите не се под нејзина надлежност.

​Арсовска го прашува Ѓорѓиевски зошто не реагира за фабриката „Усје“, која, според неа, е голем загадувач со ПМ честички и азотни оксиди, далеку над дозволените граници.

Градоначалничката појаснува дека депонијата „Вардариште“ е под надлежност на Општина Гази Баба, а не на Град Скопје. Таа потсетува дека Град Скопје го исчистил делот под надлежност на ЈП „Комунална Хигиена“, но дека остатокот од локацијата, кој е 60.000 квадратни метри, е обврска на Општина Гази Баба и Министерството за животна средина.

​Арсовска истакнува дека фабриката во Трубарево е надвор од Генералниот урбанистички план (ГУП) на Град Скопје и дека градот нема никаква надлежност таму. Таа му порача на Ѓорѓиевски да се обрати до градоначалникот на Гази Баба за овој проблем.

​Според Арсовска, депонијата „Дрисла“ не согорува отпад од 2022 година, откако бил ставен во употреба автоклав. За пожарите, таа му предложи на Ѓорѓиевски да го побара министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и да му каже да ги фати пироманите.

​На крајот, Арсовска го обвини Ѓорѓиевски дека се слика пред пожарите само за кампања, наместо да размислува како да помогне.