Меџити отвори нов изборен штаб во Чаир, ја критикуваше ДУИ за негрижа

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, синоќа присуствуваше на партиски собир во Фуше Топане, каде што беше отворен нов изборен штаб.

​Во својот говор, Меџити остро го критикуваше досегашното владеење на ДУИ во општината, иако Чаир имал двајца потпретседатели на влада. Тој нагласи дека „вниманието на ДУИ било насочено кон казина, брзи кредити, корупција и ’Сораваја’, наместо кон развојот на ова место и неговите граѓани“.

​Меџити посочи дека неговата политичка понуда е фокусирана на капитални инвестиции кои ќе донесат суштински промени и ќе обезбедат праведен развој и еднаквост за секое семејство.

​Новиот изборен штаб ќе служи како центар за комуникација со граѓаните, а коалицијата ВЛЕН најавува засилена кампања во сите населби на Чаир.