Во соопштение за јавноста, се наведува дека министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во интервју за „360 степени“ признал дека зад пожарите во Трубарево не стојат одредени центри на моќ. Ова се смета за директен демант на претходните изјави на премиерот Христијан Мицкоски, кој тврдеше дека пожарите се резултат на „хибридни напади од странски центри на моќ“.
Според соопштението, ова признание е потврда дека Мицкоски ја злоупотребил безбедносната состојба на земјата за да ја прикрие сопствената неспособност и дека без основа ширел страв и паника во јавноста.
„Ваква злоупотреба на безбедносната состојба само за да си го спасува рејтингот ниеден премиер не се осмелил да прави“, се вели во соопштението.
На крајот се заклучува дека владата и премиерот претставуваат опасност за граѓаните, нивниот живот и здравје, како и за институциите и државата во целина.