Ина Многуфина:  Одговорност од институциите по трагедијата во Велес

Инфлуенсерката Ина Многуфина со емотивна објава реагираше на трагичниот настан во Велес, каде животот го загубија Росица (31) и нејзиниот татко, кои беа убиени од нејзиниот поранешен партнер. Таа го поставува прашањето за одговорноста на надлежните институции, бидејќи жртвата повеќепати пријавувала насилство, закани и палење на возило, но не добила соодветна заштита.

​„Росица (31) барала помош. Барала помош кога ја тепал, барала помош кога ѝ се заканувал, барала помош кога ѝ ја запалил колата, барала помош кога видела дека не ѝ помага никој и се плашела дека ќе ја убие. Ја убил. И нејзе и татко ѝ“, се вели во објавата.

​Инфлуенсерката бара одговор на прашањето „Кој не постапувал?“ и ја потенцира потребата од одговорност на СВР Велес, Јавното обвинителство или другите институции кои дозволиле убиецот да остане на слобода по толку пријави.

​Таа нагласува дека Росица и нејзиниот татко немаат само еден убиец и дека оваа трагедија е резултат на долгогодишната неспособност на системот, истакнувајќи дека за промена на законите и постапките се зборува со години, но без резултат.