Кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Каја Шукова, реагираше на изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој рече дека „Ромите од Вардариште со сила треба да се иселат“.
Шукова ја оцени оваа изјава како „врв на нечовечноста“ и обвини дека власта ги злоупотребува луѓето од најниските слоеви за да ја оправда својата неспособност да се справи со пожарите.
„Со кое право Ангелов кажува дека Ромите кои живеат во Вардариште требало ’на сила да бидат иселени‘?“, праша Шукова.
Таа истакна дека Ангелов и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, наместо да најдат решение, напаѓаат и дискриминираат цела заедница.
Според Шукова, откако владата се демантираше со различни ставови за причините за пожарите, сега се обидува да се брани со оцрнување и етикетирање.
„Граѓаните на Скопје треба да знаат дека локалните институции имаат задача да најдат решение за проблемот, а ВМРО-ДПМНЕ цели четири години не најде решение“, рече Шукова, додавајќи дека власта измислува „странски центри“ и напаѓа ранливи групи за да ја прикрие својата неспособност.