Истрага за пожарот во Трубарево: Утре започнува увид на лице место

Утре ќе започне увидот на лице место за да се утврдат причините за големиот пожар во Трубарево, кој избувна во саботата, 13 септември. Увидните екипи ќе работат под координација на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.

​Четири лица се веќе опфатени во постапката за загрозување на животната средина со отпад, а обвинителството побарало продолжување на нивниот краткотраен притвор за уште 48 часа. Приведени се управители, сопственици и вработени во фирмата „Ф-Групација“, која се занимава со рециклирање на електронски и електричен отпад. Се испитува и потенцијалната одговорност на други лица.

​Пожарот избувна во складишен објект на компанијата „Ф-Групација“, во кој имало и литиум-јонски батерии. Гаснењето на пожарот било отежнато, а пожарникарите користеле хемиска пена, песок и земја.

​Првичните мерења покажале зголемување на сите параметри на гасови за два до три пати од дозволеното. Концентрацијата на јаглерод моноксид била екстремно висока, достигнувајќи 300 mg/m3, додека просечната вредност не треба да надминува 10 mg/m3.

​Четири лица биле здравствено згрижени, а една жителка на Трубарево била задржана на Клиничкиот центар поради вдишување на чад.

​Според мерењата на Институтот за јавно здравје, не е регистрирана радијација во воздухот, водата и почвата.

​Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, најави дека резултатите од анализата за тешки метали во воздухот ќе бидат познати в петок.