Обвинителството го објави записникот од исказот на Росица Коцева (31), даден на 9 септември, само неколку дена пред таа и нејзиниот татко Киро Коцев (68) да бидат убиени од нејзиниот поранешен партнер Илија Стефановски. Во записникот, Росица детално опишала како била малтретирана и како ѝ се заканувал убиецот.
Хронологија на заканите и неказнетите дела
Според сведочењето, откако ја прекинале врската во октомври 2024 година, комуникацијата меѓу Росица и Илија продолжила. При патување во Софија, тој барал да ја обноват врската, а кога таа одбила, ѝ се заканил со зборовите: „Ќе бидеш моја или ќе бидеш мртва“.
Во друг случај, тој ја заклучил во неговиот дом во Ѓорче Петров, каде што ја удирал и ја малтретирал. Во записникот стои дека насилно се однесувал и со сопствената мајка, која се обидела да ја заштити.
Институциите знаеле, но не постапиле
Покрај ова сведочење, Обвинителството објави дека против Стефановски биле водени повеќе постапки:
- Април 2025: Поднесен е обвинителен предлог за загрозување на сигурноста и насилство, при што се утврдило дека Стефановски е пресметлив.
- Мај 2025: Покрај дополнителните мерки за заштита, Стефановски продолжил да ја вознемирува, а ѝ го запалил и автомобилот на татко ѝ.
- 10 септември 2025: И покрај сите пријави и сведоштва, Основниот суд во Велес му изрекол условна казна и му ги укинал речиси сите мерки на претпазливост, оставајќи ја само забраната за приближување.
Само пет дена подоцна, на 15 септември, Росица и нејзиниот татко беа пронајдени мртви.