Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на свечена церемонија ги прими акредитивните писма на новата амбасадорка на Република Словачка, Ивета Хрицова.
Во разговорот, двете соговорнички се осврнаа на долгогодишните пријателски односи, обединети со наследството на Светите браќа Кирил и Методиј.
Претседателката Сиљановска-Давкова ѝ се заблагодари на Словачка за континуираната и гласна поддршка за македонското членство во ЕУ, како и за сојузништвото во НАТО. Таа истакна дека отворањето на македонската амбасада во Братислава во 2021 година е важен чекор за унапредување на билатералното партнерство.
Амбасадорката Хрицова, пак, нагласи дека Словачка останува силен и искрен поддржувач на евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија. Таа изрази уверување дека ЕУ мора да најде решение за да ги отвори вратите за нови членки. Хрицова вети унапредување на политичките односи и отворање нови можности за соработка во областите на економијата, културата, образованието и одржливиот развој.
Претстојната официјална посета на словачкиот претседател Петер Пелегрини на земјава се смета за ново поглавје во билатералните односи, кое ќе го поттикне политичкиот дијалог и економската соработка.
Во разговорот беа споменати и силните културни врски, а претседателката потсети на словачкиот поет Иван Штрпка, кој е добитник на „Златниот венец“ на годинешното издание на Струшките вечери на поезијата, што амбасадорката го поздрави со големо задоволство.