Хаџиристески: Победа да се организира како компанија, подготвен сум да помогнам

​Поранешниот претседател на прилепска Победа, Харалампие Хаџиристески, во изјава за „Радио Пела“ предложи начин на работа за клубот, кој повторно се соочува со големи егзистенцијални проблеми. Тој смета дека клубот мора да се организира како компанија, со јасни планови и менаџерски тим.

​„Мора да се обезбеди менаџерски тим кој ќе ја води Победа. Како што е организирана една компанија, така треба и клубот да функционира“, изјави Хаџиристески.

​Тој ја критикуваше моменталната состојба, каде клубот е оставен на привремена управа откако акционерите си заминаа. Хаџиристески нагласи дека секогаш е отворен да помогне со своето искуство во формирањето на менаџментот, но не и повторно да го преземе раководењето со клубот.

​По првите четири кола во Втората лига, Победа освои само еден бод и се наоѓа на дното на табелата, со млад и скромен играчки кадар.