Граѓани на плоштад во Скопје им оддадоа почит на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани

​Активисти од иницијативата „Кој е следен?“ и младите од Студентското пленумско движење организираа тивок собир на плоштадот „Македонија“ во Скопје, во знак на сеќавање на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

​На собирот, кој започна точно во 20:16 часот, беше испратена порака на поддршка кон семејствата на загинатите и повредените, со цел да се покаже дека не се сами во својата болка.

​Како што беше нагласено од организаторите, главна цел е да се изврши притисок врз институциите, за кои се тврди дека не презеле ништо во изминатите шест месеци.

​На плоштадот, граѓаните можеа да остават пораки за поддршка до семејствата на настраданите.

​На 16 септември се навршуваат шест месеци од трагичниот пожар што избувна рано наутро на 16 март, кога загинаа 62 лица, претежно млади, а околу 200 беа повредени.

​Од организаторите на собирот истакнаа дека настанот не бил несреќа, туку „масакр и свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел“. Тие повикуваат да не се откажува борбата за вистината и да се бара одговорност.