Од денеска, граѓаните можат да пријавуваат случаи на незаконска, партиска или приватна употреба на службени возила на телефонскиот број 070 399 050 или на електронската адреса prijavizloupotreba@sozr.gov.mk. Оваа мерка е дел од иницијативата на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) за зголемување на транспарентноста и спречување на злоупотреби.
Директорот на СОЗР, Ивица Томовски, изјави дека веќе е во тек унифицирањето на службените возила со специјални регистарски таблици, кои ќе ги направат лесно препознатливи. Општина Гази Баба е првата скопска општина која веќе ја заврши оваа процедура.
До овој момент, над 500 службени возила низ земјава се со новите таблици, а се очекува постапката да заврши во наредните две недели.
„Ги охрабрувам граѓаните да ги пријавуваат сомнежите за злоупотреби. Ние ќе ги препраќаме до надлежната институција за да се пристапи кон истражување и потврдување на евентуална злоупотреба и преземање на соодветни казни“, изјави Томовски.