Општина Центар со нова фитнес зона во Паркот на франкофонија

На барање на жителите, Општина Центар постави теретана на отворено во Паркот на франкофонија, со цел да промовира здрав и активен начин на живот.

​Фитнес-зоната располага со 17 справи наменети за вежбање и развивање на сите мускулни групи, вклучувајќи клупи за стомачни вежби, висечки и паралелни шипки, вертикална решетка и боксерска вреќа.

​Градоначалникот Герасимовски: Место за вежбање на свеж воздух без дополнителни трошоци

​Градоначалникот Горан Герасимовски изјави дека новата теретана е совршено место за рекреација, кое нуди тренинг на свеж воздух без потреба од дополнителни трошоци или членство.

​„Верувам дека рекреативците и љубителите на спортот, од сите возрасти, ќе уживаат вежбајќи во преубавиот зелен амбиент на паркот“, рече Герасимовски.

​Во наредните денови ќе биде поставена и вештачка трева за безбедна и удобна површина за вежбање. Опремата е изработена од висококвалитетен материјал со заштитен премаз, што гарантира долготрајност и отпорност на временските услови.

​Проектот е реализиран по предлог на граѓаните, што е во согласност со приоритетите на општината за поддршка на спортот и здравиот начин на живот.