Во Кисела Вода се гради прва училишна спортска сала во населбата Припор

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши увид во градежните работи за изградба на првата училишна спортска сала во населбата Припор. Новиот објект ќе биде сместен во дворот на ПОУ „Круме Кепески“ и ќе се простира на површина од 500 квадратни метри, со рок за изведба од две години.

​Проектот е вреден 16.449.974,80 денари и е овозможен со финансиска поддршка од Владата.

​Општината информира дека салата ќе обезбеди современи услови за спорт и рекреација на учениците и младите од Припор. Дополнително, предвидено е и целосно партерно уредување на училишниот двор.

​Во соопштението се нагласува дека изградбата на оваа сала е дел од поголема инвестиција во спортската инфраструктура на општината. Во изминатите четири години се изгради спортска сала во Пинтија, а се реконструираа и салите во неколку други основни училишта. Во моментот се подготвува и документација за изградба на нова сала во ООУ „Кузман Шапкарев“, додека салата „Расадник“ се реконструира во соработка со Министерството за спорт.