На денешната прес-конференција на СДСМ, Панче Милевски Панта од Комисијата за спорт побара итно разрешување на Миленко Неделковски од функцијата извршен директор на ФК Вардар. Ова барање следува по јавно изнесените навреди и омаловажувања кон жените од страна на Неделковски, како што тврдат од партијата.
СДСМ смета дека ваквото однесување мора најстрого да се санкционира, особено во период кога државата е потресена од случаи на фемицид и насилство врз жените.
„Најтрофејниот македонски фудбалски клуб не смее да си дозволи да има вакви личности во своите редови. Ниту македонскиот спорт, ниту спортските работници, ниту навивачите, ниту граѓаните не заслужуваат човек кој шири омраза и навреди да биде претставник на клубот“, изјави Милевски.
Повик до институциите и ВМРО-ДПМНЕ
СДСМ бара реакција и санкционирање од сите надлежни институции, вклучувајќи ги Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Министерството за спорт и Македонскиот олимписки комитет (МОК), како и од сите клубови во Првата македонска фудбалска лига.
Партијата го повика и ВМРО-ДПМНЕ да се огради од изјавите на Неделковски, нагласувајќи дека молкот се толкува како соучесништво и охрабрување на насилството.
СДСМ заклучи дека ова не е политичко прашање, туку прашање на лична безбедност, достоинство и почит кон жените, и повика на нулта толеранција за навреди во спортот, особено кон жените.