Мицкоски: Инвестиција во администрацијата е инвестиција во иднината на јавниот сектор

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска во своето обраќање на настанот „Инвестиција во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор“ порача дека реформите во јавната администрација се клучни за развојот на државата.

​„Нема модерна држава без модерна администрација. Нема напредна економија без функционален јавен сектор. Нема доверба во институциите без професионални, одговорни и мотивирани службеници“, истакна Мицкоски.

​Промените се носат со дела, а не само со зборови

​Премиерот нагласи дека Владата започнува со првиот циклус на генерички обуки со 600 учесници од локално и централно ниво, како јасен сигнал дека се подготвени да носат промени. Тој посочи дека јавната администрација, која во минатото била сведена на „политички плен“, сега ќе биде професионална, ефикасна и ќе работи за граѓаните.

​„Јавната администрација нема повеќе да биде партиски плен. Ќе биде професионална, ефикасна и ќе работи за граѓаните“, рече Мицкоски.

​Тој ги повика сите министри, директори и градоначалници да ги поддржуваат ваквите програми, нагласувајќи дека ова не е трошок, туку најпрофитабилна инвестиција за државата.

​На крајот, Мицкоски порача дека заедно може да се создаде јавен сектор кој ќе биде двигател на развојот, партнер на граѓаните и гарант на европската иднина на Македонија.