Ракометниот клуб „Еурофарм Пелистер“ ја започна кампањата „Meeting the Legends“, со која им се оддава почит на сите ракометари кои одиграле најмалку сто натпревари за клубот. Како дел од оваа иницијатива, легендарниот голман Стевче Стефановски доби сезонски билет.
Стефановски беше дел од првата генерација голмани во македонската репрезентација по осамостојувањето. Со Пелистер освои 6 шампионски титули и 5 титули во националниот Куп. Тој, исто така, беше полуфиналист во Купот на победниците на Куповите, а како тренер, заедно со Богдан Маковеј, го однесе клубот до финалето на Челинџ Купот.

Кариерата го однесе во Црна Гора и Катар, каде со тимот на Ал Рајан освои двојна титула – шампион на Катар и на Арапската лига на шампиони. И покрај успесите во странство, Стефановски секогаш се враќаше дома, во Битола, како што истакнуваат од клубот.
Денес, Стефановски работи како координатор во школата на клубот, пренесувајќи го своето богато искуство на новите генерации ракометари.