Шест лица се отруени со храна во Куманово, затворен е ресторан

Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Куманово пријави епидемија на труење со храна кај шест лица, кои на 11 септември присуствувале на семинар-обука во еден кумановски ресторан.

​Од вкупно 36 учесници, шестмина развиле симптоми на труење како повраќање, дијареа, треска, висока температура до 41 степен, болки и грчеви во стомакот. Двајца од заболените се хоспитализирани, тројца се на дневна болница, а еден е на домашно лекување.

​Симптомите се појавиле помеѓу 4 и 16 часа по консумирање на храната.

​Епидемиолози од ЦЈЗ и инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) извршиле надзор во ресторанот, земајќи брисеви и мостри од храната за микробиолошко испитување.

​Како превентивна мерка, објектот е затворен додека не се добијат негативни резултати од испитувањата. Епидемиолошката состојба се следи.