Министерот за здравство, Азир Алиу, и заменик-министерот, Јовица Андовски, учествуваа на отворањето на 27. Синдикална школа на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Во своето обраќање, министерот Алиу истакна дека во рекордно време се реализирани над 1.250 вработувања во 85 јавни здравствени установи. Паралелно со тоа, се спроведува и процесот на вработување на приватните специјализанти, со што се решава децениски егзистенцијален проблем.
Алиу нагласи дека се извршило значајно зголемување на платите на сите здравствени работници за 4.815 денари нето, додека за медицинските сестри зголемувањето е дури 6.200 денари. Оваа мерка, според него, е суштинско вреднување на трудот на медицинскиот персонал.
Заменик-министерот Андовски порача дека Министерството за здравство е отворено за соработка со синдикатот, со цел заедничко решавање на сите отворени прашања и подобрување на условите за работа на здравствените работници и грижата за пациентите.