Владата го демантира СДСМ: Исплатата на пожарникарите е во тек, нема врска со изборите

​Владата излезе со реакција по тврдењата на СДСМ дека 400-те ангажирани пожарникари сè уште не добиле плата. Во својот демант, Владата ги отфрли обвинувањата како „манипулации и лаги“ и истакна дека исплатата е во тек.

​Од Владата велат дека мерката за ангажирање на 400 пожарникари е прва во историјата на земјата и има за цел да ги заштити граѓаните од природни катастрофи. Тие категорично негираат дека постои каква било поврзаност меѓу исплатата и претстојните локални избори.

​„За лицата кои се вклучени во оваа мерка ве информираме дека беа ангажирани на 08.08.2025 година, документацијата (извештајот за редовност) за исплата од страна на организаторот е веќе во тек и ќе биде испратена до центрите за вработување по што ќе следи и исплатата“, се вели во соопштението.

​Владата го обвини СДСМ дека шири невистини и се обидува да го наруши јавниот мир, додека тие се фокусирани на носење конкретни решенија и работат „отчетно и транспарентно“.

​СДСМ претходно тврдеше дека извори од различни општини информирале дека исплатата е блокирана поради изборите. Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, јавно го праша премиерот Христијан Мицкоски дали тоа е точно.