Светскиот шампион од 2014 година и двократен освојувач на Лигата на шампионите, германскиот фудбалер Жером Боатенг (37), објави дека става крај на својата професионална кариера.
Фудбалерот со потекло од Гана, по заминувањето од Баерн Минхен, играше за Олимпик Лион, Салернитана и ЛАСК од Линц.
„Благодарен сум на сите тимови, навивачи, луѓе кои ме поддржуваа, а пред сѐ на моето семејство. Тие секогаш беа со мене“, напиша Боатенг на социјалните мрежи, споделувајќи фотографии од својата кариера.
Боатенг одигра 76 натпревари за германската репрезентација, со која го освои Светското првенство во Бразил во 2014 година. Играше и во полуфиналето на Светското првенство во 2010 и на Европските првенства во 2012 и 2016 година.
Во последните години, Боатенг беше во центарот на вниманието поради случајот за семејно насилство, за кој во повторената постапка доби условна казна од 200.000 евра.