На прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, ја обвини Владата дека го потврдила скандалот со 400-те ангажирани пожарникари кои сè уште не добиле плата. Кузеска оцени дека „изговорите дека допрва ќе се исплателе се празно оправдување и потценување на граѓаните“.
Кузеска нагласи дека ова е знак за неспособноста на Владата на чело со Христијан Мицкоски, која, според неа, се занимава со лаги и измислени приказни за „хибридни напади“ додека народот се гуши во загаден воздух, а депониите горат.
Таа ја обвини власта за свесно загрозување на здравјето на луѓето, тврдејќи дека по пожарот во Трубарево, граѓаните на Скопје дишеле опасни материи како олово, арсен и кадмиум, а Владата молчела и ги убедувала дека нема опасност. Кузеска порача дека е време власта да одговара за пожарите, еколошката катастрофа и лагите.
Како одговор на обвинувањата, ВМРО-ДПМНЕ ја повика СДСМ да престане да шири „дезинформации и да ја манипулира јавноста“.
Од партијата истакнаа дека завршило времето кога СДСМ и ДУИ ги оставале работниците без плата со месеци, наведувајќи ги како пример вработените во АД Водостопанство и ЈП Македонски шуми.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека нема никаква поврзаност помеѓу локалните избори и исплатата, бидејќи средствата се обезбедени. Тие објаснија дека пожарникарите се ангажирани на 8 август 2025 година, а документацијата за исплата е во тек и наскоро ќе биде испратена до Центрите за вработување.
На крајот, од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека нивната влада работи за граѓаните, додека опозицијата се занимава со „манипулации и измислици“.