Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на партиски промотивен настан ја претстави својата визија за иднината на главниот град, нагласувајќи дека Скопје заслужува повеќе и дека промените се можни.
„Ова не е глас само за мене. Ова е глас за надежта, работата, решителноста. За иднината во која нашите деца ќе растат онака како што ние немавме шанса“, порача Ѓорѓиевски.
Тој вети дека нема да дава празни ветувања, туку ќе се води од конкретни резултати, посочувајќи на неговиот успех како градоначалник на Општина Кисела Вода, каде, како што вели, реализирал бројни проекти.
Планови за „Генералка“ и „Град без депонии“
Ѓорѓиевски најави дека неговиот прв чекор како градоначалник ќе биде акцијата „Генералка на Скопје“, масовна мобилизација за чистење на градот во првите 72 часа од мандатот.
Тој најави и четиригодишна програма „Град без депонии“ која вклучува:
- Дигитален надзор со дронови за следење на дивите депонии.
- Изградба на фабрика за рециклажа.
- Формирање „Еко бригади“ кои 24/7 ќе се грижат за јавната хигиена.
- Секојдневно миење на главните булевари со вода под притисок.
„Скопје заслужува лидери и граѓани што нема да се откажат“, заклучи Ѓорѓиевски, испраќајќи порака дека заедно ќе се борат за подобра иднина на градот.