Ќе се санираат еколошките штети по пожарот во Трубарево, најави Изет Меџити

Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, денеска најави дека ќе биде преземено сè што е потребно за да се санираат еколошките штети од пожарот во скопско Трубарево.

​Меџити истакна дека Владата институционално делувала за да се справи со катастрофата и дека пожарот е изгаснат за еден ден.

​„Нормално, каде што има оган од такви размери има и загадување, затоа Министерството ги ангажираше и акредитираната лабораторија и приватни лаборатории“, рече Меџити.

​Тој додаде дека јавноста е транспарентно информирана за состојбата, а сега се чека да се создадат услови за да се направат сите неопходни анализи на водата и почвата. Врз основа на тие анализи, ќе бидат преземени соодветни мерки за санирање на штетите.

​Пожарот во Трубарево избувна на 13 септември, кога се запали објект со непрописно складиран отпад, што предизвика масовно испуштање на чад и гасови во воздухот.