Утре на конференцијата на Обединетите нации во Њујорк, францускиот претседател Емануел Макрон ќе се обиде да собере повеќе западни земји за заедничко признавање на палестинската држава. Како што пренесува „Политико“, иако потегот се смета за „дипломатска победа“ за Париз, неговите напори најверојатно нема да доведат до прекин на војната во Газа.
Можноста за успех на иницијативата на Макрон е ограничена бидејќи Германија и Италија веќе објавија дека нема да се приклучат. Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека не е за признавање на палестинска држава „пред нејзиното основање“, додека германскиот канцелар Фридрих Мерц нема ни да присуствува на конференцијата.
Според „Политико“, обидот на Макрон да покаже заеднички европски фронт, всушност, ја открива разединетоста на Западна Европа во однос на ова прашање.
Европски дипломат кој сакаше да остане анонимен, изјави за порталот дека очекувањето било дека „Израел ќе попушти“ под меѓународен притисок, но призна дека тоа не се случува.
На конференцијата се очекуваат претставници од:
- Франција
- Велика Британија
- Белгија
- Португалија
- Луксембург
- Малта
- Андора
- Австралија
- Канада
Иако британскиот премиер Кир Стармер нема да присуствува, се очекува денеска официјално да ја објави одлуката за признавање на Палестина.
Во меѓувреме, САД и Израел се обидоа да ја спречат француската дипломатска офанзива. Вашингтон одби да му даде виза на претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, за да присуствува на собирот на ОН.
Војната во Газа започна во октомври 2023 година, по нападот на Хамас врз јужен Израел. Според палестински извори, досега загинале повеќе од 60.000 Палестинци.