Денеска, на 22 септември, Македонската православна црква го празнува споменот на Свети Јоаким и Ана, родителите на Пресвета Богородица.
Јоаким, потомок на царот Давид, и Ана, ќерка на свештеникот Матан, живееле во брак педесет години, но биле бездетни. И покрај нивното богатство, тие живееле богоугодно, делејќи една третина од своите приходи на сиромашните, а третина дарувајќи во храмот.
Еден ден, кога Јоаким отишол да принесе жртва во храмот, првосвештеникот Исахар го укорил поради неговата бездетност, сметајќи го за недостоен. Овој настан многу ги растажил Јоаким и Ана, по што двајцата се посветиле на молитва, молејќи го Бога да им даде дете.
Бог ја услишал нивната молитва и им испратил ангел кој им објавил дека ќе добијат ќерка, преку која ќе дојде спасението на светот. Ана зачнала и во деветтиот месец ја родила Пресвета Дева Марија.
Свети Јоаким починал на 80 години, а Ана на 79 години, претставувајќи се пред Господа.