Нов земјотрес на Света Гора, експертите следат „чуден феномен“

​Земјотрес со јачина од 4,8 степени според Рихтер е регистриран утрово, кратко по 4 часот, во морскиот дел кај Света Гора. Епицентарот бил на девет километри северозападно од Кареја, а потресот бил почувствуван во поширокиот регион. Не е пријавена материјална штета.

​Претседателот на Организацијата за планирање и заштита од земјотреси, Ефтимиос Лекас, изјави за грчката државна телевизија ЕРТ дека самиот земјотрес не предизвикува загриженост, но научниците се загрижени поради „чудниот феномен што опстојува веќе 18 месеци“.

​Според Лекас, сеизмичката активност во регионот започнала на почетокот на 2024 година и досега вклучува над 1.000 земјотреси. Денешниот потрес е десетти по ред со јачина поголема од четири степени. Најсилниот земјотрес бил пред три месеци, со јачина од 5,2 степени.

​Лекас објасни дека станува збор за расед што се активирал во 2024 година и сè уште има енергија, но тој очекува дека нема да достигне ниво повисоко од 5,2 степени.