Вдовицата на Чарли Кирк му прости на убиецот на нејзиниот сопруг

На емотивна комеморација во Глендејл, Аризона, Ерика Кирк, вдовицата на десничарскиот активист Чарли Кирк, изјави дека му простила на човекот обвинет за убиство на нејзиниот сопруг.

​„Мојот сопруг сакаше да спаси млади мажи, исто како оној што му го одзеде животот“, рече Ерика Кирк пред преполниот стадион. „Тој човек, тој млад човек – му простувам. Му простувам затоа што Христос го направи тоа и затоа што Чарли би го направил тоа“.

​По овие зборови, публиката стана на нозе и аплаудираше.

​За убиството на Чарли Кирк на 10 септември на Универзитетот Јута Вали е обвинет Тајлер Робинсон (22), кој може да се соочи со смртна казна.

​Во интервју за „Њујорк тајмс“, Ерика Кирк истакна дека не сака да одлучува за смртната казна на обвинетиот. „Ќе бидам искрена. Му кажав на нашиот адвокат дека сакам владата да одлучи за ова. Не сакам крвта на тој човек да ми биде на совеста“, рече таа, објаснувајќи дека не сака одлуката за смртна казна да ја оддалечи од рајот и од нејзиниот сопруг.

​Според властите, Робинсон му испратил порака на својот партнер по пукањето, во која навел дека е презаситен од „омразата“ на Кирк.