Љупчо Николовски: ВМРО-ДПМНЕ ги стопираше реформите во шумарството

​На денешната прес-конференција, пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски, ја обвини Владата на ВМРО-ДПМНЕ за стопирање на реформите во шумарството, што, според него, е директна штета на природните ресурси на државата. Николовски посочи дека напуштањето на европските реформи е потврдено и од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

​Николовски потсети дека во време на СДСМ биле побарани и добиени три големи проекти од ЕУ, вредни над 1,5 милиони евра, за целосна реформа на секторот шумарство. Тоа вклучувало изработка на нови закони за шуми, формирање на Агенција за шуми и шумска полиција, како и создавање на ново државно претпријатие.

​Покрај тоа, бил креиран и интегриран ИТ-систем за контрола на дрвната маса и шумските пожари, но според Николовски, ВМРО-ДПМНЕ го направило нефункционален.

​„Што направи ВМРО-ДПМНЕ? Ги повлекоа законите, ги прекинаа реформите, софтверите за следење на дрвната маса се нефункционални. Јасно е дека на некому му одговара хаосот, а не европските стандарди и контрола“, изјави Николовски.

​Тој додаде дека овој потег е на штета на природните ресурси и заштитата на шумите. На крајот, Николовски нагласи дека СДСМ ќе продолжи да дава решенија за поддршка на земјоделството, шумарството и водостопанството.