Москва цел на масовен напад со дронови

​Москва вечерва беше цел на масовен напад со дронови, што го потврди и градоначалникот Сергеј Собјанин. Руските противвоздушни сили успеале да соборат вкупно 11 беспилотни летала. Жителите на московската област пријавиле силни експлозии, но засега нема информации за повредени или за значителна материјална штета.

​Нападот предизвика сериозни нарушувања во воздушниот сообраќај на московските аеродроми Шереметјево, Домодедово и Внуково. Повеќе од 35 летови беа одложени или откажани. На социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледаат патнички авиони како летаат на исклучително мала висина над станбени згради.

​Руските власти најавија дека Федералната служба за безбедност (ФСБ) и Истражниот комитет ќе спроведат истрага, по што ќе биде покрената кривична постапка за тероризам. Оперативните служби моментално го пребаруваат теренот, собираат остатоци од соборените дронови и проверуваат дали има дополнителни оштетувања.