Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во Гази Баба изјави дека сите изборни ветувања на ВМРО-ДПМНЕ се покажале како лага. Тој нагласи дека се потребни промени и дека претстојните локални избори се можност граѓаните да испратат порака дека сакаат подобра општина.
„Потребни се промени, локалните избори се шанса да се испрати пораката дека граѓаните сакаат подобро, сакаат подобра Гази Баба. СДСМ на овие избори излегува со чесна понуда, остварливи програми и компетентни луѓе со интегритет“, рече Филипче.
Тој го поддржа кандидатот за градоначалник од СДСМ за општина Гази Баба, Влатко Митовски, истакнувајќи дека неговата програма нуди реални и издржани проекти, како што се решавање на проблемот со кучињата скитници, изградба на нова спортска сала и затворен базен, како и субвенции за пазарџиите.
Филипче нагласи дека граѓаните ќе избираат помеѓу „докажани луѓе кои стојат зад својот збор и луѓе кои бегаат како кукавици при првата криза“.
„Не ветуваме лесен пат, но ветуваме борба – борба со главата високо. Време е за мерка во политиката: компетентност и резултати наместо гол ПР, работа наместо парада, ред наместо партиски хајки“, додаде Филипче.