Седница на Советот на Град Скопје, на која би се дискутирало за проблемите со јавниот превоз, сѐ уште не е закажана. Поранешниот заменик-градоначалник и независен член на Советот, Александар Трајановски, потврди дека нема иницијатива за итна седница ниту од градот, ниту од советниците.
Трајановски истакна дека ситуацијата е дополнително усложнета со фактот што Советот нема постојан претседател, откако Трајко Славески си замина.
ЈСП доби нафта, но градските власти обвинуваат за уцени
Според извори од ЈСП, засега нема најава за прекин на сообраќањето на автобусите, бидејќи вчера пристигнале околу 20 тони нафта, доволни за вчерашниот и денешниот ден.
Во меѓувреме, Град Скопје реагираше со соопштение во кое ја обвинува компанијата „Пуцко петрол“ за прекин на испораката на нафта, иако има активен договор со ЈСП. Според градските власти, сопственикот на компанијата, Асмир Јахоски, е под силен политички притисок и уценет.
„Асмир Јахоски од Пуцко петрол, соочен со обвиненија затворска казна и подложен на уцени… ја прекина доставата“, се вели во соопштението.
Град Скопје најавува дека ќе покрене соодветна постапка за материјална и кривична одговорност против Јахоски и „Пуцко петрол“ за непочитување на договорот, со што, според нив, се обидуваат да предизвикаат хаос во јавниот превоз.