Националната опера и балет (НОБ) ќе ја отвори сезоната 2025/2026 со изведба на едно од најмоќните дела во историјата на класичната музика – „Реквием“ од Волфганг Амадеус Моцарт. Настанот ќе се одржи на 3 октомври со почеток во 20:00 часот.
Изведбата ќе биде под диригентската палка на истакнатиот италијански диригент Џанлука Мартиненги. Во солистичката постава ќе настапат:
- Биљана Јосифов (сопран)
- Николина Јаневска (мецосопран)
- Јане Дунимаглоски (тенор)
- Владимир Саздовски (бас)
Заедно со оркестарот и хорот на НОБ, тие ќе создадат незаборавно музичко доживување.
Мистеријата на „Реквием“
„Реквием“ е последното и недовршено дело на Моцарт, обвиено со мистерија и легенди. Создадено во последните месеци од неговиот живот, ова дело претставува музичка исповед исполнета со драматични контрасти – од тивки молитвени моменти до експлозивни хорски сцени.
Неговата длабока емоционалност и духовност ја водат публиката од болка и тага кон надеж и вечност. Делото повеќе од два века ја фасцинира публиката ширум светот и се смета за едно од најзначајните и најизведувани дела во светската музичка литература.