На прес-конференција, членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, обвини дека раководството на партијата Левица, предводено од Димитар Апасиев, во своите џебови ставило над 2 милиони денари.
Според Манасиевски, додека пратениците од Левица јавно се залагаат за скромност и ги критикуваат колегите за патни трошоци, тие самите од партиската каса повлекувале слични суми, што ги нарече „дволичност“.
„Дали Левица е политичка партија или сметководствено биро? Дали средствата кои ги добивале раководството на Левица, ги добивале затоа што се сметководители или затоа што земале партиски патни трошоци?“, праша Манасиевски.
Тој нагласи дека проблемот не е само во земањето пари, туку во „лажното претставување“ на раководството како скромно и неподмитливо. Манасиевски додаде дека со ова „дволичноста“ на Левица е демаскирана.